Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје веднаш по опожарувањето на возилото даде наредби и насоки за расчистување на настанот и за прибирање на доказите.
„Меѓу преземените дејствија, издадена е наредба да се обезбеди и документацијата за начинот и времето на стекнување, сопственоста и користењето на возилото. Надлежен орган да ја евидентира и следи имотната состојба на избраните и именуваните лица, како и да врши проверка на податоците во изјавите за имотната состојба е Државната комисија за спречување на корупцијата. Доколку проверките упатуваат на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност, обвинителството ќе постапи согласно своите законски надлежности“, се вели во соопштението од Обвинителство.
Инаку, ВМРО-ДПМНЕ побара од Jавното обвинителство да отвори постапка за прикривање на имот од страна на првиот вицепремиер Артан Груби.
„Зошто Груби го нема пријавено автомобилот кој е запален во неговиот анкетен лист? Бараме ЈО да отвори постапка за прикривање на имот, потенцијално даночно затајување и злоупотреба на службена положба и овластување против Груби, кој автомобилот за кој цела влада потврди дека е негов не го пријавил во својот анкетен лист, и не го запишал на свое име“, посочуваат од партијата.
Тие велат дека Бујар Османи, Крешник Бектеши и останатите министри во своите реакции во кои го осудија случајот потврдиле оти автомобилот е на Груби, а според медиумите, автомобилот го поседува друго лице, за кое Груби вели дека му е пријател.
„Кој е тој пријател на Груби кој купил Ауди А6 возило вредно 80.000 евра и наместо да го вози сам го дал на Артан Груби да го вози и управува со него како со свое возило? Дали Груби има возачки дух па доби Ауди А6, кое не го пријавил, зошто не го купил официјалано, исто како што Дрин Ахмети имаше претприемачки дух па ја доби Соравија?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата побара од ЈО да отвори постапка, а побараа реакција и од ДКСК.