Најмалку три лица загинале од последици на невремето во Словенија. Словенец смртно настрадал во областа Камник, а двајца Холанѓани загинале во планините кај Крањ. Околностите се утврдуваат, соопшти полицијата.
Доброволното пожарникарско здружение Менгеш на својот профил на Фејсбук објави снимки на спасување деца од градинка.
„Ги известуваме родителите од детската градинка Гобица дека сите 22 деца се успешно евакуирани на безбедно во делот Сончек“, порачаа тие.
По излевањето на реките поради временската непогода во Словенија, на удар на надојдените води во моментов е Хрватска, а се очекува бранот да продолжи кон Србија.
Обилните дождови почнаа синоќа во Словенија, а утринава беа поплавени многу места низ земјата.
Неколку села се отсечени од остатокот од земјата, а стотици пожарникарски интервенции се регистрирани од синоќа.
Агенција на Република Словенија за околината (АРСО) прогласи црвен метеоролошки аларм за поголемиот дел од земјата.