Сторителот на двократното убиство во Куманово, четириест и шестгодишниот Д.Ј. кој вчера ги уби својата сопруга и нејзината мајка, во повеќе наврати бил пријавуван за семејно насилство, пишува порталот Кумановски муабети и наведува дека тој имал забрана да им се приближува на жртвите и дури пет пријави за насилство.
„ Во периодот од 2013 до 2023 година од страна на СВР Куманово до надлежното ОЈО Куманово има поднесено пет кривични пријави против Д.Ј. по член 130 ст. 2 од КЗ на РСМ, сите извршени врз лицето Е.А., велат од кумановската полиција за порталот Кумановски муабети.
Само два месеци по втората пријава, наведува порталот, жртвата се јавила во Центарот за социјална работа во Куманово. Пријавила семејно насилство и известила дека одлучила да стави крај на вонбрачната заедница.
„Животот одлучила да го продолжи сама со својата мајка во нејзиниот стан каде ги зела и двете малолетни деца. Насилникот првично бил задржан во полиција, а потоа не се вратил во нивниот дом. Добил и забрана да се приближува на растојание помало од 100 метри до живеалиштето каде што престојува жртвата, училиштето, работното место или определено место кое редовно го посетува жртвата. Привремената мерка била изречена во траење од 6 месеци. Оттогаш немало пријави за семејно насилство, се додека насилникот вчера не ги убил двете жени во нивниот стан, а потоа си го одзеде животот“, пишува Кумановски муабети.
Целиот напис за двојното убиство и самоубиство во Куманово може да го прочитате на следниов линк.