Веќе 7 години по ред градоначалникот Митко Јанчев бара од Владата поддршка за изградба на дестилерија чија примарна цел би била откупување на неквалитетно грозје, а потоа и откуп на вишок вино и преработка во чист алкохол за повеќе намени.
„Додека Владата е глува на ваквите барања а одредени политички структури гледаат со потсмев на овој проект, европските земји на ист начин почнаа да се справуваат со економската криза и со вишокот вино“, се вели во реакцијата на градоначалникот Јанчев.
Инаку претходно како што објави Би-Би-Си, француската влада ќе одвои 200 милиони евра за уништување на вишокот вино и поддршка за производителите поради падот на побарувачката за овој пијалок.
„Најголем дел од парите ќе бидат искористени за купување на вишок залихи, а алкохолот ќе се продава за употреба во производи како средства за дезинфекција на раце, средства за чистење и парфеми“, пишува Би Би Си.
Според податоците на Европската комисија, до јуни годинава потрошувачката на вино е намалена за седум отсто во Италија, за 10 отсто во Шпанија, за 15 отсто во Франција, за 22 отсто во Германија и за 34 отсто во Португалија, додека производството во нивото на Европската унија се зголеми за четири отсто.