Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски синоќа на својот Фејсбук-профил повторно реагираше на обвинувањата на својот долгодишен соработник и лидер на опозицијата, Христијан Мицкоски. Тој меѓу другото го обвини Мицкоски, дека имал тајна соработка и заеднички планови со екс-премиерот и поранешен лидер на СДСМ, Зоран Заев.
-Па нели тој беше наш политички заеднички противник, беше главниот „џелат” на сите политички прогонети од ВМРО-ДПМНЕ, тоа беше влада која направи промена на името, уставот, националноста, идентитетот, историјата…со договорот со Грција, ги апсеа нашите пратеници за да ги уценат за гласање, Заев на телевизија тврдеше дека „Сичките сме сшти”, „един народ сме” итн. До пред година-две ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека Заев е најкорумпираниот политичар, предавник итн, порача Груевски, додавајќи:
Претходно Мицкоски од Велес изјави дека не е среќен поради препирките со неговиот претходник на челната позицијата во ВМРО-ДПМНЕ.
-Морам да кажам дека како човек оваа јавна преписка со поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ не ме прави среќен, ниту ова е битка која ја одбрав јас, но недвојбено никој не треба да ја тестира мојата определба да се опстои на нашите ставови дека прифаќање на диктати не доаѓаат во предвид по ниту една цена. Ниту пак дека тоа може да помине низ мала врата или било каква комбинација, изјави Мицкоски во обраќањето на годишната конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.