Протест на судската администрација во Скопје, штрајкуваат и вработените во обвинителствата

Синдикатот на работниците од управата, правосудните ограни и здруженијата на граѓани (УПОЗ) од судската администрација денеска протестираат во Скопје. Тие бараат зголемување на платите за 78 отсто и враќање на додатоците на плата.

Од вчера во штрајк се вработените во обвинителствата. И тие бараат зголемување на платите за 78 отсто и враќање на додатоците на плата во висина од 35 отсто. Штрајкот ќе трае сè додека не им се исполнат барањата.

Протестот почна пред зградата на Сојузот на синдикати на Македонија, продолжи со краткотрајни собири пред Собранието и Министерството за правда, по што учесниците се упатија пред Владата.

Advertisements

„И да добиеме покачување од 78 проценти, никој од овие вработени нема да ја надмине просечната плата во државата (околу 36 илјади денари), само ќе се доближи до неа. Работата во судовите е тимска и доколку еден не си ја заврши работата, судијата нема да може да донесе пресуда“, изјави претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски.

Според претходните најави обвинителската администрација ќе работи само на предмети во кои има притвор, претрес или неодложни жалби.