Вонредна инспекција ќе утврдува од што починало 24 годишното момче во битолската болница

Министерот за здравство Фатмир Меџити бара Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да изврши вонреден инспекциски надзор во Клиничката болница во Битола , откако 24-годишниот Симеон Т. од село Цапари вчера почина во болницата.

Од Министерството за здравство велат дека по утврдување на фактичката состојба и изготвување на извештајот од ДСЗИ, јавноста навремено ќе биде информирана.

Од Битолската болница велат дека причината за смртта на момчето, според резултатите добиени од обдукцијата, се дисеминирана интраваскуларна коагулација (ДИК) односно внатрешно крварење на повеќе органи и дека не се работи за лекарска грешка.

Advertisements

Момчето во вторникот се јавило на болница со висока температура и му била дадена терапија, по што било пуштено дома. Но, ноќта помеѓу вторникот и средата повторно состојбата му се влошила и утрото било пак примено в болница со висока температура и трески. Наодите при лабораториските анализи биле лоши, па биле консултирани конзилијарно лекари од повеќе болнички одделенија. Попладнето пациентот починал во 18 часот по повеќечасовна битка да се спаси.

„Наодот од обдукацијата покажа дека причината за смртта на пациентот е дисеминирана интраваскуларна коагулација. Тоа значи брзо трошење на факторите на згрутчување на крвта и доведува до неконтролирано крварење на многу органи и системи во организмот, а резултира со прогресивно стварање тромбози и микротромбози кај сите органи. Сето ова е предизвикано од тежок инфект. Обдукцијата покажа дека нема лекарска грешка“, соопшти болницата.

Инаку, вонреден инспекциски надзор беше побаран во текот на оваа година и за други два смртни случаи во битолската  болница.