Бројот на загинати во нападите на Хамас врз Израел надмина 700, јавуваат израелските медиуми повикувајќи се на здравствените власти.
Досега повеќе од 2.100 луѓе се ранети во нападите во Израел, според Тајмс оф Израел.
Израел претходно објави дека околу 100 луѓе биле киднапирани, откако Хамас започна напади врз Израел од појасот Газа.
Според палестинските власти, најмалку 370 луѓе загинале во појасот Газа, а околу 2.200 се ранети.
Израелската армија распореди десетици илјади војници за да ја врати контролата врз јужните области во близина на појасот Газа и да ги спаси преостанатите израелски заложници и да ги евакуира сите жители до утре наутро. Денеска беше објавено и дека Хамас држи повеќе од 100 заложници во појасот Газа.
Во обид да ја вратат контролата по ненадејната офанзива во саботата наутро, среде еврејскиот празник Шабат, израелските сили денеска продолжија да го гонат „Хамас“ кој се инфилтрира во јужен Израел и изврши воздушни напади врз цели во појасот Газа.
Израелската армија објави дека повторно ја презела контролата врз полициската станица во Сдерот, откако соопшти дека „неутрализирала 10 терористи“ кои биле таму.
Премиерот на Израел оцени дека ова што се случи сега е без преседан.
Нападот на Хамас го осудија западните земји, а наскоро се очекува САД да објават нова воена помош за Израел, а денеска ќе се одржи итен состанок на Советот за безбедност на ОН за воената ситуација.
Офанзивата започна додека САД преговараат за нормализација на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија, што беше осудено од Хамас.