Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“ при посетата во Гевгелија одговарајќи на новинарско прашање за можен датум за одржување на избори посочи дека единствената седмица каде што можат да се поклопат вториот круг претседателски и парламентарните избори е 5 мај.
Мицкоски во врска со одржување на изборите објасни зошто оваа дата е најсоодветна за одржување на претседателски и парламентарните избори.
– Ние повикуваме на консензус бидејќи таква била праксата порано дека со консензус на сите политички фактори се носело одлука околу датум, време и така натаму. Повикуваме на консензус затоа што пак од друга страна последниот рок според Устав и закон на кој што би се одржале парламентарните избори е 30 јуни. Зошто 30 јуни? Уставот е јасен дека мандатот на актуелниот пратенички состав важи до изборот на нов, но не повеќе од 4 години, имајќи предвид дека 4 август 2020 е формиран парламентот и оттогаш почнува да важи мандатот на актуелниот пратенички состав значи дека ние на 3 август мораме да имаме формиран нов пратенички состав – рече Мицкоски.
Ако оставиме, додаде тој, две недели за прегласувања, догласувања, ако има жалби и така натаму и законски 21 ден бидејќи Уставот е јасен и вели во рок од 20 дена треба да се формира парламентот, ако претседателот на претходниот парламент не го свика, тогаш самиот се свикува, тогаш последниот датум на одржување на парламентарни избори е 30 јули, што значи дека кампањата би почнала на 10 јуни.
На крај Мицкоски порача изборите да се одржат во среда, Тој повика да седнат со другите политички партии да се договорат и да се види дали од другата страна постои здраворазумско размислување и да се дефинира целата постапка.
– Што ќе одлучи овој еден месец да трошиме милиони народни пари, има ли логика, има ли разум, има ли некој таму кој што размислува нормално? И затоа велиме еве опција нека биде среда, да седнеме, да се договориме, да разгледуваме, да видиме дали од другата страна постои некое логично размислување здраворазумско и да ја дефинираме целата постапка – рече Мицкоски.