Премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска го повтори ставот дека нема да има предвремени парламентарни избори и дека тие ќе бидат редовни.
„Уште во моето експозе кога станав претседател на Владата кажав дека ќе имаме редовни избори, опозицијата во неколку наврати тврдеше дека ќе има предвремени избори и сега да каже дека ќе има редовни избори, така што тоа прашање е одамна апсолвирано“ посочи Ковачевски.
Во однос на евентуалниот датум на одржување на следните парламентарни избори, премиерот истакна дека тоа треба да го договорат сите политички партии.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, како што објавивме претходно, предлага изборите да се одржат по Велигден на 8 мај. На овој датум според Мицкоски, би се случил вториот круг претседателски заедно со парламентарните.
– Ние повикуваме на консензус бидејќи таква била праксата порано дека со консензус на сите политички фактори се носело одлука околу датум, време и така натаму. Повикуваме на консензус затоа што пак од друга страна последниот рок според Устав и закон на кој што би се одржале парламентарните избори е 30 јуни. Зошто 30 јуни? Уставот е јасен дека мандатот на актуелниот пратенички состав важи до изборот на нов, но не повеќе од 4 години, имајќи предвид дека 4 август 2020 е формиран парламентот и оттогаш почнува да важи мандатот на актуелниот пратенички состав значи дека ние на 3 август мораме да имаме формиран нов пратенички состав – рече Мицкоски.
Тој предлага изборите да се одржат во среда и повика да седнат со другите политички партии да се договорат и да се види дали од другата страна постои „здраворазумско размислување и да се дефинира целата постапка“.