Обвинетите за организација на настаните во законодавниот дом на 27 април, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и екс директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Владимир Атанасовски повторно побараа да бидат опфатени со Законот за амнестија од 2018 година, пишува Радио Слободна Европа (РСЕ).
Според Основниот кривичен суд Скопје, како што пренесува РСЕ, тие заедно со нивните адвокати барањето го поднеле на рочиштето на 3 ноември, а судот својата одлука ќе ја соопшти на 14 декември.
На обвинетите им се става на товар кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Тие веќе еднаш бараа да бидат амнестирани со законот од 2018 година, но од Кривичниот суд ги одбија со образложение дека не ги исполнуваат условите. Потоа, се жалеа пред Апелацискиот суд кој го укина ваквото решение од Кривичен и наложи првостепениот суд повторно да одлучува.