За нас е важно да ги повикаме Албанците и Србите да го зачуваат мирот. Ги повикувам Србите во Косово да бидат мирни и присебни, да не наседнуваат на провокации, порача српскиот претседател Александар Вучиќ по состанокот на Советот за национална безбедност, јавуваат српските медиуми.
– Презедовме соодветни мерки за заштита на нашата татковина, соодветно ги дадов најважните наредби и Советот за национална безбедност ги прифати. Морам да кажам дека сум многу горд на нашите војници и полицајци, изјави Вучиќ.
Како што наведе тој, Србите на Косово и Метохија треба да му веруваат на КФОР како безбедносна сила која е должна да се грижи за нив.
– Добивме гаранции дека КФОР нема да дозволи нелегален упад на косовската полиција на Север, но ќе видиме дали ќе биде така.
– Мојата порака до нашиот народ е почитувајте го ЕУЛЕКС, почитувајте го КФОР, не дозволувајте да ве провоцираат. Дајте малку правда за Србите, почитувајте го бриселскиот договор – рече Вучиќ.
На состанокот на Советот за национална безбедност со која претседаваше Вучиќ присуствуваа и премиерката на Србија Ана Брнабиќ, министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ, министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ, министерот за одбрана Милош Вучевиќ, началникот на Генералштабот на вооружените сили на Србија, Милан Мојсиловиќ, директорот за безбедност и информативна агенција (БИА) Александар Вулин, министерката за правда Маја Поповиќ, директорот на Канцеларијата за КиМ Петар Петковиќ.
Седницата на Советот за национална безбедност беше свикана по заострувањето на безбедносната ситуација на северот на Косово, што настана откако денеска со полно оружје и оклопни возила припадниците на специјалните единици на косовската полиција Роса упаднаа во големата брана на езерото Газивода и по апсењето на двајца Срби во Јариње.
Седницата беше свикана откако претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ изјави дека, „според информациите со кои располага, премиерот на привремените институции на Приштина Аљбин Курти на седница со своите безбедносни структури најавил дека вечерва ќе ја испратат тешко вооружената Роса и другите единици на северот на Косово и Метохија да го прогонуваат нашиот народ и да ја „изведат бурата“.