Ревизија или раскинување на договорот за изградба на автопатот кон Охрид – кинеската компанија бара итна средба со Ковачевски

Претставници на кинеската компанија „Синохидро“ бараат уште утре итна средба во Владата откако во петокот премиерот Димитар Ковачевски најави ревизија на договорот за изградба на автопатот кон Охрид и додаде дека е можно да се раскине договорот бидејќи „несфатливо е и по 10 години 40 – 50 километри пат да не се изгради“, јави ТВ Телма.

Рокот со Синохидро“ истекува на Нова година, иако завршени се само 78 отсто од работите за 600 милиони евра. Покрај премиерот, ревизија на договорот најави и вицепремиерот Фатмир Битиќи.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека одлуката нема да биде нивна, туку на Владата имајќи ја предвид тежината на договорот.

Advertisements

Како што јави Телма, проблемот не е во парите и можеби и не толку до интензитетот на работите на терен, туку во самата траса која минува низ десетина свлечишта што ја отежнува работата, а од министерството велат дека сметките со кинеската компанија се чисти.

„Изминатите неколку месеци се појавиле најмалку 11 свлечишта, а според првичните проценки  за да се санираат ќе бидат потребни нови средства, но и најмалку две години. Но, според експерите и надзорот оваа траса во небезбеден терен свесно е избрана“, јавува Телма.

За договорот со „Синохидро“ предмет имаше отворено Специјалното јавно обвинителство наречен „Траекторија“ врз база на прислушуваните разговори каде претставници на поранешната власт разговараат за можни провизии, но и од овој предмет Обвинителството се повлече поради застареност.

Обвинети беа поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и бившиот директор на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски.