Јас сум убеден и очекувам следните избори ДУИ да бидат многу непријатно изненадени од бројот на освоени гласови и пратеници во македонскиот парламент, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Република.
ВМРО-ДПМНЕ, вели Мицкоски, ќе и даде шанса на така наречената албанска опозиција.
„Ова раководство на ДУИ и дел од луѓето кои се дел од него се сериозно според индициите и информациите кои ги имаме, длабоко вплеткани во криминал. Нашата посакувана опција е таканаречената албанска опозиција. Видовме пред некој ден окрупнување околу таа опозиција“, рече Мицкоски.
Тој нагласува дека треба да им се даде шанса на ДУИ да поминат во опозиција одреден период да се освежи со нови идеи, бидејќи сега се конфузни и испраќаат лоша порака.
„Гледате како од онаа зелена агенда почнаа до обединета Албанија. Водат политика од денес за утре. Додека одат од еден на друг споменик се возат во ролс ројс, мајбах, купуваат мултимилионски имоти. Пораката не е добра“, изјави Мицкоски.