Управата за јавни приходи ја објави листата на должници на која има вкупно 1.815 фирми, 32 повеќе од претходната листа, како и 3.683 физички лица, 54 повеќе од претходно.
Како што соопшти УЈП, вкупниот нето долг на сите должници од „црната листа“ изнесува дури 9.067.088.954 денари (или 147,4 милиони евра.
Освен висината на долгот загрижува и податокот дека нивото на обврските на фирмите и на поединците се повеќе се зголемува, односно долгот сега е за 872.182.529 денари (односно за нешто над 14 милиони евра) повеќе од претходната листа.
Долгот се однесува по повеќе основи – за данок на додадена вредност, данок на добивка, данок на доход и придонеси, потоа ПДД по други основи, неплатена царина, ДДВ при увоз и за акцизи.
Нето-долгот за даноци и придонеси изнесува 8.900.288.661денари, (144,7 милиони евра) , и е за 847.836.009 денари (13,7 милиони евра) повеќе од претходната листа, додека долгот за царински давачки е 166.800.293 денари (2,7 милиони евра) и е за 24.346.520 денари (395,8 илјади евра) повеќе од претходната листа.
Како што појаснуваат од УЈП, станува збор за долгови доспеани до 31.07.2023 и неплатени до 31.10.2023 година по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност и повисок од 300.000 денари за правните лица.
Фирма со најголем долг по сите основи е „Окитна трејд увоз извоз“, ДООЕЛ Скопје, со вкупен долг од 648,6 милиони денари или околу 10,5 милиони евра, а во топ петте должници се уште СГСМ-Оил&гас сервис, подружница во Скопје, Република Македонија (219.457.045 денари или околу 3,5 милиони евра), потоа јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ – Гостивар (144.327.133 денари или околу 2,3 милиони евра), „Дивелоп груп“ со 128.491.477 денари или околу 2 милиони евра и „Мил- Давит“ ДОО Скопје со 126.349.175 денари или 2 милиони евра.
Целата листа на должници може да се најде на следниот ЛИНК.