Самсоненко и мајката на Камчев на црната листа на САД – „одредени елити профитираат од корупција“

Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина, мајката на бизнисменот Јордан Камчев- Ратка Камчева, како и неколку нивни компании се најновите имиња на црната листа на САД објавена попладнево.

Според американското Министерство за финансии сите споменати лица и фирми се ставени на листата поради нивната тесна поврзаност со Јордан Камчев, кој се најде на „црната листа” во јули годинава, како и поради нивни коруптивни и незаконски активности.

„Нивните дејствија покажуваат како одредени елити профитираат од корупција и ги нарушуваат државните институции на сметка на граѓаните на државите“, се наведува во образложението.

Advertisements

Американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер соопшти дека „ова е предупредување до поединци, кои ја злоупотребуваат својата моќ и ја злоупотребуваат довербата на луѓето, дека САД ќе ги повика на одговорност корумпираните актери“.

„Оваа назнака е потсетник дека соработката со одредени луѓе ќе има влијание врз вас и вашето семејство”, вели Агелер.

Во образложението на одлуката се наведуваат и серија трансакции меѓу фирми на Самсоненко и Камчев- дел поврзани и со случајот „Плацови на Водно“. Меѓу компаниите кои се опфатени со санкциите се: заедничката обложувалница на Самсоненко и Камчев „Бет Сити“, „Орка Холдинг“, „Камчев Консалтинг“, „Орка Фајнанс“, „Систина лајф кер центер“.

Претходно, на листата санкционира од САД се најде градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко поради негова вмешаност во значајна корупција. Еден месец подоцна следуваше и Јордан Камчев.

Во април 2022 година, Министерството за финансии на САД објави листа на санкционирани лица, на која се најдоа и поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков.

На листата која во четвртокот ја објави американското министерство за финансии се најдоа и голем број лица од други држави од регионот на Западниот Балкан кои се осомничени за корупција и соработка со Русија.