„Се повторува сценариото од времето на А1, нема да не замолчат“ – новинарите протестираа поради пресудата против ИРЛ

Во организација на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денеска пред Граѓанскиот суд се одржа протест поради пресудата против ИРЛ.

Под мотото ПРАВОТО НА ГРАЃАНИТЕ ПРЕД ИНТЕРЕСОТ НА МОЌНИЦИТЕ новинарите и медиумските работници го кренаа гласот против неправдите врз новинарите кои кулминираа со пресудата против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), со која судот си додели улога да одредува кој смее, а кој не смее да биде новинар.

Сметаме дека судот нема право да утврдува кои онлајн медиуми и граѓански организации смеат да се бават со новинарство.

Advertisements

Пред колегите новинари и медиумски работници свои обраќања имаа: новинарите Сеад Ризвановиќ, Ирена Мулачка, Мефаил Исмаили, како и претставничката на Блупринт – групата за реформи во правосудството Тона Карева.

„Се повторува сценариото од времето на А1, и тогаш како и сега знаевме за што се работи, не беше целта да се затвори телевизијата, беше целта да не замолчат, постапка која се преслика после тоа на други медиуми и на други начини. Се сеќаваме и на прогонот на Томислав Кежаровски и други случаи. Сега се случува во друга форма, но содржината е иста. Овие судии и судот треба да знаат нешто – ние сите овде не зборуваме во наше име и во име на медиумите за кои работиме, туку во име на граѓаните. Ние сме гласот на народот, бидејќи кога ние зборуваме зборуваат граѓаните, кога сакаат да не забранат нас ги забрануваат граѓаните. Токму затоа сакам да им порачам – не му успеало на никого до сега, нема ни да успее во иднина. Само ќе не направат посилни и погласни!“ – изјави Сеад Ризвановиќ.

ЗНМ и ССНМ доставија конкретни барања до претседателите на Основниот граѓански и Апелациониот суд во Скопје во кои се бара со особена внимателност да се испитаат сите аспекти по јавните реакции од страна на сите релевантни невладини организации како и реакциите од Меѓународната федерација на новинари (ИФН) и Европската федерација на новинари (ЕФН) поврзани со скандалозната пресуда на судијката Јованка Спировска Панева, која одлучуваше во случајот „Брако против ИРЛ“, како и поголемо разбирање и со сериозна внимателност да се постапува во иднина за постапките и тужбите против новинарите и медиумските работници во државава.