Проширувањето на црната листа на САД поради корупција со рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина, како и Ратка Камчева, мајката на бизнисменот Орце Камчев, а и нивните компании е очекувано, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој смета дека и во иднина списокот на луѓе од земјава „ќе се надградува“.
Според Спасовски најновите измени на црната листа треба да донесат и конкретни мерки на внатрешен план како што се закони со кои ќе се забранува учество на ваквите компании на тендери, за да не можат да добиваат државни пари.
Во однос на заканите и обидите за попречување за продажба на конфискуваниот имот на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков на што се пожали и првиот човек на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу, Спасовски кажа дека се преземаат сите мерки за заштита на вработените.
Спасовски повторно демантира дека има случаи на киднапирања на деца порачувајќи дека секогаш пред избори имало споделување на вакви лажни информации.
Тој вели дека едно лице веднаш е приведено и за него се бара итна постапка за одредување притвор, бидејќи самиот признал дека сè измислил.