Министерот за правда во Анкара ќе бара одговори за екстрадицијата на Палевски

Екстрадицијата на Љупчо Палевски, осомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски од Турција ќе биде едно од прашањата за кои ќе се разговара при посетата на министерот за правда Кренар Лога на Анкара најавена за 8 февруари.

Од Министерството за правда посочуваат дека не можат да споделат официјални информации кога би бил екстрадиран Палевски, а за тоа колку време тој може да остане во Турција е прашање за турските власти согласно нивните закони.

– Кога ќе биде донесен во земјава, Палевски ќе биде спроведен во казнено поправна установа согласно решение на суд и понатаму тече постапката пред правосудните органи – велат од Министерството.

Advertisements

Техничкиот премиер Талат Џафери во интервју за МИА вели дека не сака да прејудицира дали овие разговори би можеле да ја забрзаат екстрадицијата на Палевски, но нагласува дека е неопходна лична и директна комуникација за да се види што треба дополнително да се направи.

-Но, во секој случај неопходна е комуникацијата директна и лична таму да се биде, за да се види кои би биле постапките, процедурите, што би требало дополнително, евентуално, да се направи. Затоа е таа лична комуникација и е воспоставена во рамки на меѓународната соработка со соодветните братски институции со коишто соработуваме и со коишто соодветно имаме билатерални спогодби за комуникации – вели Џафери.