Ана Павловска-Данева стана уставна судијка, опозицијата не верува дека ќе се врати довербата во судството

Универзитетската професорка и поранешна пратеничка, Ана Павловска-Данева стана нова уставна судијка. Таа на денешната собраниска седница беше избрана со 65 гласови „за“ и 26 „против“. По гласањето, ја кажа и потпиша свечената изјава дека функцијата ќе ја извршува одговорно и со почитување на законите и Уставот.

Претседателот на Собранието, Јован Митрески рече дека на Павловска-Данева ѝ престануваат сите останати јавни функции и професии кои ги обавувала и членувањето во политичките партии.

Опозициските пратеници во расправата кажаа дека сè додека СДСМ и ДУИ се на власт, судството ќе биде неефикасно во борба со корупцијата, ќе биде партизирано и под политички притисоци и не веруваат дека Павловска-Данева ќе придонесе да се подобри довербата во судството која сега е нула проценти.

Advertisements

Владејачката СДСМ претходно ја повлече кандидатурата на поранешниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески за уставен судија. Тој побара објаснување, бидејќи како што рече, со ваквата постапка нанесена му е штета.