Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска ги објави носителите на пратеничките листи. Листата во првата изборна единица ќе ја предводи Мицкоски, во втората носител ќе биде Владо Мисајловски, во третата Драган Ковачки, во четвртата Александар Николоски, а во шестата Дафина Стојаноска.
За петтата изборна единица сè уште не е дефинирано имeто на носителот.
Мицкоски изјави дека ќе водат позитивна кампања која ќе биде насочена на нудење решенија за проблемите на граѓаните.
„Гледам дека црната кампања на СДСМ и тие коишто орбитрираат околу СДСМ не е насочена ниту кон ВМРО-ДПМНЕ, или кој било, туку директно кон мене. Јас ќе им порачам само нека продолжат нека се занимаваат со Христијан Мицкоски, ние ќе продолжиме да нудиме на граѓаните она кое што за нив е потребно, а тоа се решенија коишто значат иднина, решенија коишто ќе даваат одговор на проблемите со коишто граѓаните во администрацијата, стандардот, слабата економска состојба, борбата со криминалот и корупцијата, владеењето на правото, проблемите со коишто се соочуваат пензионерите, земјоделците, младите, образованието, здравството“, изјави Мицкоски.
Кандидатските листи треба да се поднесат до Државната изборна комисија до 2 април на полноќ.
СДСМ сè уште ги нема објавено имињата на носителите на пратеничките листи.