Врховниот суд ја одби како неоснована жалбата на таткото на убиеното 14 годишно девојче Вања Ѓорчевска кој бараше да му се укине мерката притвор изречена поради сомнение дека помагал во нејзиното грабнување.
„Советот за казниви дела при Врховниот суд донесе решение со кое жалбата на обвинетиот А.Ѓ. од Скопје, изјавена преку бранителот Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја одби како неоснована и го потврди решението на Апелациониот суд Скопје КСЖ-223/24 од 01.03.2024 година“, информираат од судот.
Седницата во Врховен суд се одржа откако одбраната поднесе жалба бидејќи Апелационискиот суд во Скопје го одби барањето за укинување на мерката притвор.
Таткото во своето излагање пред судот се приклучи на барањата на неговиот адвокат и порача дека него му е важно само да ја дочека разрешницата за убиството на неговата постара ќерка.
„Јас сум поделен на два света во моментов, едното дете ми се наоѓа тука, другото ми го одземаа. Не ми е важно каде ќе ја дочекам разрешница од оваа ситуација, важно ми е да дојде до разрешница, за да можам и јас да донесам одлука како возрасен човек дали ќе продолжам на овој свет или ќе се придружам на постарата ќеркичка“, рече А.Ѓ, пишува Слободна Европа.