Димитриевски: Нема да бидам послушник на законодавната и извршната власт

Сакав да излезам од комотната зона на градоначалник кој има уште половина мандат поради лошата ситуација во која се наоѓа народот и да влезам во трката за претседател на државата за да ги променам работите. Влегувам во трката за да победам, а не само да учествувам, порача претседателскиот кандидат Максим Димитриевски во интервју на тв Канал 5

– Позицијата ја прави човекот кој ја извршува функцијата, а не неговите ингеренции. За нас синтагмата „зборот е збор се уште значи“ и по тоа се разликуваме од другите, а тоа народот го препознава. Како претседател на Македонија нема да бидам послушник на законодавната и извршната власт, туку ќе ги спроведувам законите и нема да дозволам некој да ми кажува што да правам… Во оваа трка не влеговме да спасуваме никого, нашата агенда е јасна и немаме намера да бидеме привезок на ниту една власт. Без ЗНАМ нема да има Влада. Целиме на двоцифрена броја на парламентарните избори, а во најмала мера ќе имаме парламентарна група. На следните парламентарни избори по овие, кога и да бидат, ќе бидеме најмалку втора партија – посочи Димитриевски.

Тој вели дека земјава треба да влезе достоинствено во Европската Унија. Еден ден, како што кажа, секако ќе бидеме членка на ЕУ, а во меѓувреме треба да најдеме начин како да ја издигнеме нашата економија. Нашата успешност во интегративниот процес, додаде, ќе зависи од нашата дипломатија која треба да биде професионална, а не партиска.

Advertisements

Во моментов како што кажа нема комуникација со ни една политичка партија. Нагласи дека ќе водат скромна кампања заради недостигот на средства. На изборите ќе настапат сами и така ќе го тераат целиот изборен процес и очекуваат голема поддршка од граѓаните. Смета дека претседателот на државата треба да се бира на непосредни избори за да добие легитимитет, а не во Собранието заради неговата клучна улога во надворешната политика.