Гласањето за избор на претседател на државата досега се одвива мирно на сите гласачки места, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
До 13 часот на гласање излегле 26,35 проценти граѓани, според податоци кои пристигнале до ДИК од 1720 избирачки места односно од 49,03 отсто. Како што рече претседателот на ДИК, Александар Даштевски, одѕивот за гласање е 6 отсто повеќе за истиот период од денот во споредба со претходните претседателски избори во 2019 година.
-Вкупен број на запишани избирачи во избирачките места од кои пристигнале податоци е 872 090, вкупен број на избирачи кои гласале во избирачките места од кои пристигнале податоци е 229 803. Процентот на избирачи кои гласале во избирачките места од кои пристигнале податоци е 26,35, соопшти на прес-конференција Даштевски.
Според податоците пристигнати досега до ДИК, најголема излезеност до 13 часот имало во општина Новаци (42,87 отсто), а најмала во Врапчиште 10,18 отсто.
Даштевски информираше дека до ДИК досега се доставени 140 приговори за заштита на избирачко право. Од нив 16 се усвоени и на избирачите им е овозможено да остварат право на глас, осум приговори се отфрлени како неуредни, а девет приговори се одбиени. Останатите приговори се во обработка.
На веб-страницата rezultati.sec.mk може да се следи одѕивот на гласачите и по општини.