Првичните резултати од ДИК покажуваат голема предност на Силјановска пред Пендаровски

Првичните резултати што Државната изборна комисија ги објавува на својата веб-страница покажуваат дека од обработени 50,86 проценти, односно 1 784 од вкупно 3 508 избирачки места, води кандидаткта на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова со освоени 36,99 отсто од гласовите, пред Стево Пендаровски од СДСМ со 18,18 проценти од гласовите.

Трет е Бујар Османи од ДУИ со 16,44 проценти од гласовите, Арбен Таравари од коалицијата Вреди има 12,11 %, Максим Димитриевски од ЗНАМ – 7,87 %, Билјана Ванковска поддржана од Левица има 4,38 % и Стевчо Јакимовски од ГРОМ – 1,00 процент.

Гласачките места беа отворени од 7:00 до 19:00 часот. Право на глас имаа 1.814.317 граѓани лица запишани во избирачки список. Тие на 3.480 избирачки места можеа да се изјаснат за еден од седумтемина кандидати.

Advertisements

ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

Одѕивот на денешните претседателските избори до 18 часот изнесуваше 47,61отсто, и е поголем од последните избори за шеф на државата во 2019 година кога до 19 часот на гласање излегоа вкупно 41,67 отсто од запишаните избирачи.

За претседател ќе биде избран кандидатот кој освоил мнозинство гласови од вкупниот број евидентирани избирачи, односно 907.159 гласови. Ако никој не го добие потребното мнозинство, ќе се организира втор круг во кој одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови.

Ова се седми непосредни избори за претседател од независноста на државата. Претходните беа одржани во 1994, 1999, 2004, 2009, 2014 и во 2019 година.