„Бев, сум и останувам левичар, за нас гласаше авангардата“ – Ванковска се заблагодари за поддршката

Честитки за победниците! Јас сум среќна за можноста што ми ја даде Левица да зборувам слободно, чесно, отворено и радикално – да понудам нешто што мнозина не беа спремни да го прифатат како опција, вели професорката Билјана Ванковска.

„Народот очигледно не е подготвен за тоа. Мојата цел беше не да победам туку да вознемирам една застојана елита. Колку успеав, ќе видите наскоро. Не сакам да бидам пророчица, но новиот претседател ќе се соочи со сето она за што предупредував. Им благодарам на сите оние прекрасни луѓе што ги сретнав, гушнав, добив поддршка од срце а без очекување нешто за возврат. Благодарност за нивните гласови и нека не очајуваат“.

Кандидатката за претседател поддржана од Левица, посочи дека и во иднина ќе остане посветена на каузата

Advertisements

„Бев, сум и останувам левичар. Ќе чекориме заедно, ЛЕВА, ЛЕВА, ЛЕВА – како што пееше Мајаковски. Да живее Македонија! Смрт на неофашизмот, слобода на народот“, порача Ванковска.

Мислам, додаде професорката, дека е точно дека авангардата гласаше за нас, тоа го знам преку личните контакти.

„Очигледно дека народот се уште не е во таа фаза, изгледа му понудив визија зад две брда, така што отидов предалеку во тоа што го прогнозирав. Јас длабоко се надевам дека грешам во прогнозата и дека народот нема да се разочара после година или две од владеењето на новата претседателка, веќе можам дури така да кажам со оглед на тоа дека пасокизацијата на СДСМ е дефинитивно тука. Она што беше наша задача, мислам дека го остваривме. Изодевме коректно, чисто, со насмевка, со ведрина. Она што го гледаме на терен е навистина очајно и веројатно луѓето кога се очајни го прифаќаат првата сламка на спас или ветување што им го нудат тие  гледаат да го зграбат, рече таа.

Ванковска нагласи дека малку се чувствува виновна за лошиот резултат, затоа што јас, како што рече, доброволно бев дистанцирана од медиуми пет-шест години и овој период беше прекус за јас да се наметнам како препознатлив лик. Ванковска потенцира дека нејзината соработка со Левица ќе продолжи и понатаму.