Кандидатот за претседател Стево Пендаровски во рамки на изборниот караван низ земјава денеска имаше средби со граѓаните во Желино и во Тетово.
Тој на граѓаните им порача да не ги обесхрабруваат бројките од првиот круг на претседателските избори, потенцирајќи дека станува збор за дијаметрално спротивни понуди од двајцата кандидати за претседател.
-Значи станува збор за дилема која е суштинска, нашите концепти не се разликуваат во нијанси, нашите концепти се драстично различни. Тие предлагаат ревизија на сите документи врз кој почива државата, стабилноста безбедноста и нејзиниот економски просперитет и тие предлагаат ревизија на сите документи кои нè направија членка на НАТО, и земја која преговара со ЕУ. По сите основи, нашите меѓуетнички односи интеграцијата во евроатлантските структури, ние нудиме концепт кој е проверен, досега гледате каде стигнавме. Дали тоа беше со задоволително темпо? Се разбира дека не беше, знаете дека имаше надворешни блокатори од нашите соседи, сопки на секој чекор, сопки и од внатрешната опозиција, политичка опозиција олицетворена во најголемата опозициска партија, рече Пендаровски во Тетово.
Тој порача граѓаните да не подлегнат на политичките манипулации.
– Тие кои сега планираат да ја редефинираат Македонија како концепт со редефинирање, или поништување, сите договори врз кои почива нејзината перспектива, и тие сега на 8 мај бараат ним да им ја дадете довербата, а не на нас. Размислете добро, имајте ги секој пат предвид интересите на вашите деца и внуци, вашите лични интереси, интересите на вашите семејства, немојте да подлегнете на тој тип на политичка манипулација дека е можно со откажување од нашите стратешки партнери, сама Македонија со 1,8 милиони луѓе, сама да просперира, да ја обезбедува безбедноста и сама во економска смисла да има стапки на раст на годишно ниво од 7, 8, 9 отсто на годишно ниво. Апсолутно тврдам, невозможно е најголемиот дел од македонските граѓани да не ја препознае рационалноста на ова што го зборувам. Ме прашувате за кој било договор, јас имам одговор, тој договор е добар, овој договор е добар, ова е добро, ова е лошо. Тие немаат одговор. Три пати ги прашуваш, велат ќе направам тим од експерти, истакна Пендаровски во Тетово.