Кандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова вечерва изјави дека ја прифаќаат Преговарачката рамка, но не и уставните измени.
Во претседателската дебата заедно со кандидатот за претседател поддржан од СДСМ Стево Пендаровски на ТВ21 потенцираше дека уставните измени нема да го решат проблемот, туку дека напротив ќе го продлабочат.
– Преговарачката рамка ние ја прифаќаме. Ние не го прифаќаме само елементот врзан за уставните измени и мислиме дека со поинаква добрососедска интерпретација, дека ако се копенхагенски критериуми во прашање може вето, нека си разговараат комисиите инаку не може да се употреби тоа за вето и ги почитуваме европските темелни вредности и принципи и преговарачката рамка, ама и себе претседателе, рече Силјановска Давкова.
На новинарско прашање како земјава ќе го продолжи патот кон ЕУ и како ќе се надмине проблемот со закочените измени во Уставот, Силјановска Давкова рече дека ако некој ги закочил уставните измени, тоа е сегашниот технички премиер, бидејќи не го ставил во првата фаза на гласање предлогот за измени на Уставот, само помина во Комисијата.
– Тој го стави во фиока и со тоа се самопрогласи за американски претседател кој на некој начин во џеб ги стави уставните измени, а нема право на тоа. Јас сум за тоа и кажав оние кои можат да предложат уставни измени, тие тоа не го процесуираа, инаку ќе се видеше дека слично како и народот, и пратениците внатре, дури и од позицијата некои мислат слично на мене, дека нема потреба од такви уставни измени на ваков начин, порача Силјановска Давкова