(Фото) Македонската Царина заплени злато и девизи во вредност од 1 милион евра, биле сокриени во специјален бункер

Инспектори од мобилните тимови на Царинската управа вчера на граничниот премин Богородица при контрола на автобус открија и запленија 262.750 долари, 155.760 евра и 12 килограми злато и златен накит со проценета вредност од околу 600.000 евра, информира македонската Царина.

„Поради постоење сомнеж, автобусот со турски регистарски ознаки управуван од македонски државјанин, кој се движел на редовна линија Скопје – Истанбул (Турција) при излез од земјава бил упатен на детална контрола на царинскиот терминал на ГП Богородица. При прегледот е откриен специјално изработен бункер во кој се пронајдени разновиден златен накит и златни плочки со неправилна форма, како и голема количина на девизи“, се вели во информацијата на Царинската управа.

Стоката со вредност од вкупно околу еден милион евра и автобусот се привремено задржани и предадени на Одделението за истраги во Царинската управа за понатамошна истрага.

Advertisements

Откако ќе биде поднесена пријава случајот ќе биде предаден на надлежното Основно јавно обвинителство.