ЕВН продолжува да не снабдува со струја и по 1 јули, прифатена е понудата на ЕСМ од 60 евра за мегават час

ЕВН Хоме како универзален снабдувач на електрична енергија ја прифати понудата од АД ЕСМ од 60 евра за мегават часови за покривање на 85 проценти од потребите. За останатите 15 проценти, на тендерот за периодот јули-декември биле пристигнати три понуди, но тие не се прифатени поради повисоките цени во однос на моменталните пазарни цени.

Од ЕВН информираа дека биле пристигнати понуди од компаниите „Дуферцо“, ЕСМ Продажба и Соле24.

– За 85 проценти од потребите на Универзалниот снабдувач ЕВН Хоме, доби само една понуда, и тоа од компанијата АД ЕСМ со купопродажна цена на електрична енергија од 60 евра за мегаватчас, додека за 15 проценти од потребите на Универзалниот снабдувач, беа добиени три понуди, од компаниите Дуферцо МК, ЕСМ Продажба и Соле24, со понудени цени кои беа за околу два и пол пати повисоки, во однос на понудената цена на АД ЕСМ за 85 проценти од потребите. Управниот одбор на ЕВН Хоме донесе одлука да ја прифати понудата од АД ЕСМ за 85% од потребите, додека за останатите потреби од 15%, понудите на компаниите не беа прифатени од страна на ЕВН Хоме поради значително повисоките цени во однос на пазарните во моментот, се наведува во соопштението.

Advertisements

Од 1 јули годинава, ЕВН продолжува да врши снабдување со електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи.

– Договорот со Владата за обезбедување на универзална услуга е потпишан на 18.06.2024 по што следува процес на лиценцирање во Регулаторната комисија за енергетика. Овој процес кој е неопходен за обезбедување на континуитет во снабдувањето со електрична енергија преставува голем предизвик, поради краткиот рок до престанувањето на важноста на постојната лиценца, како и отворените прашања во однос на начинот на кој ќе се пристапи кон продолжувањето на лиценцата за периодот од следните 5 години. Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри, велат од ЕВН.

Во крајната цена влегуваат цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција.