Mинистерoт за здравство, Арбен Таравари денеска ќе почне со разрешување на економските директори на клиниките на кои им завршува мандатот.
Издадена е наредба што побрзо да се спроведе во Собранието измената на законот за укинување на функцијата економски директор на клиниките.
Како што информира Таравари, денеска ќе бидат разрешени 7-8 в.д. директори од вкупно 14.
-Денес се разрешуваат одреден број на економски директори на кои што им завршува мандатот. Тие што се со малку поголем мандат, ќе ни треба измени на законот. Сметајте дека за месец-два нема да има економски директори. Не сакам да не тужат тие што имаат мандат до август, септември, па да одиме по судови…, кажа Таравари во изјава за медиумите на првиот ден од стапување на новата функција.
Досегашното искуство во примената, како што претходно порачуваа од Министерството за здравство, покажа низа слабости во јавните здравствени установи во кои беа именувани двајца директори заради несоработка на лицата кои беа именувани за директори, при што се јавуваа практични проблеми за реализација на акти и постапки каде што се бара согласност на двете лица.