(ВИДЕО) Париз направи спектакуларно шоу досега невидено на Олимписките игри

Летните олимписки игри во Париз официјално беа отворени со свечена церемонија на отворање на реката Сена.

Првпат церемонијата на отворањето на Игрите не се одржа на стадион. 85 брода со речиси 7.000 спортисти на пловечка парада на Сена долга шест километри, продефилираа во срцето на Париз. Поаѓајќи од мостот „Остерлиц“, бродовите пловеа покрај катедралата Нотр Дам и пристигнаа во близината на Ајфеловата кула.

Околу 80 огромни екрани го емитуваа шоуто, кое имаше пловечка парада на спортисти и уметници, со танчари што настапуваа од покривите на зградите по должината на Сена.

Advertisements

Шоуто го следеа повеќе од 300.000 гледачи од брегот на Сена. Бродовите што ги превезуваат спортистите имаа камери за да им овозможат на оние што гледаат на ТВ или на нивниот телефон да добијат поглед одблиску.

Имаше и музичко шоу кое предизвика најразлични реакции, но не го наруши спектаклот во „градот на светлината“, кој продолжи со неверојатното шоу пред Ајфеловата Кула.

Таму олимпискиот факел прв го зеде Зинедин Зидан, го предаде на Рафаел Надал, од каде преку рацете на Серена Вилијамс, Команечи, Карл Луис, Морезмо, Гигу, Тони Паркер… на крајот заврши кај Мари Жозе Перек и Теди Ринер, кои го запалија олимпискиот пламен, кој со воздушен балон се крена над Париз, каде сите ќе можат да го гледаат за време на овие Олимписки Игри.

Шоуто заврши со извонреден настап на Селин Дион од Ајфеловата кула, за заокружување на овој спектакл.