Потпретседателот на српската Влада, Александар Вулин изјави дека Белград е на пат кон интеграција во Европска Унија, но дека Србија не одлучува за брзина на тој пат пренесуваат српските медиуми.
– Ако на тој пат бидеме соочени со признавање на таканареченото Косово или обврската да овозможиме истополови бракови или учество во конфликтот со Русија и Кина, не треба ни да одиме по тој пат, изјави Вулин во интервју за „Вечерње новости“.
Тој нагласи дека „додека не ни го кажат тоа, наше останува да се држиме до нашата воена неутралност, реформите што ни одговараат и да се обидеме да ја зајакнеме Србија во времето што доаѓа“.
На прашањето дали Србија со купувањето на француските авиони „Рафал“ го направила најголемото свртување кон Запад досега, Вулин рече дека тоа е прагматична, а не политичка одлука и дека Србија ќе го брани своето небо со „рафали“ и „мигови“.
Тој изјави дека рускиот претседател Владимир Путин, за време на нивната неодамнешна средба во Русија, не ги спомнал „рафалите“, „но дека ја спомнал трговската размена, гасниот аранжман и руската поддршка за секоја српска борба“.