Врховниот суд преку соопштение попладнево информираше дека целосно ги поддржува и ги поздравува заложбите на Стејт департментот на САД кои се однесуваат на владеењето на правото и правната држава.
– Соединетите американски држави даваат континуирана поддршка и исклучителен придонес за правосудството, кој е заснован на правните начела и демократските вредности. Нотираните податоци и укажувања во Извештаите на Стејт департментот имаат суштинско правно значење за заштитата на независноста на судството и борбата против корупцијата. Во таа насока, а во врска со нотираната корупција, неопходно е приоритетно да се постапува во согласност со законите и институционалните надлежности што е клучно за интегритетот на судството, остварувањето на целите на правдата и јакнење на јавната доверба. Недозволиво е да се поткопуваат темелите на судската власт преку политички влијанија, притисоци и коруптивни дејствија, се наведува во соопштението од Врховниот суд.
Инаку, неодамна претседателката на Врховниот суд Беса Адеми беше под силен притисок на ДУИ, а во врска со обидите за амнестија на Груевски.
Стратегијата за компромитирањето на Адеми, како што тврдеа политичари од албанскиот блок, беше произведена во Министерството за политички систем, кое го нарекуваа министерство за пропаганда, а предводена од Артан Груби, додека кампањата се спроведуваше преку фантом-порталие со седиште во истото министерство.
Коалицијата ВРЕДИ тогаш тврдеше дека Демократската унија за интеграција (ДУИ) организирала операција за враќање на поранешниот премиер Никола Груевски во Македонија. Според нив, наводниот план вклучувал притисоци врз судски институции и користење политички влијанија за ослободување на Груевски преку помилување.
ВРЕДИ објави дека дека клучен момент во операцијата била тајна средба во Вила Водно, на која учествувале високи претставници на претходната владејачка гарнитура. Според тврдењата, целта на средбата била координација на чекорите за враќање на Груевски во земјата.
Еве што изјави тогаш БЕСА во врска со притисоците врз Беса Адеми.
„За да го реализираат планот за ослободување на Груевски, Ахмети и ДУИ, според тврдењата, извршиле значителен притисок врз Врховниот суд. Сепак, наишле на отпор од страна на претседателката на судот, Беса Адеми, која одбила да ги следи нивните инструкции. Како резултат на нејзиното непокорување, подоцна била покрената иницијатива за нејзино разрешување. Ја потсетуваме јавноста дека во тој период холандскиот амбасадор го посетил Али Ахмети во Мала Речица и го предупредил дека тој и неговата партија треба да престанат со притисоците врз судовите. Исто така, потсетуваме дека измените во Кривичниот законик, кои беа иницирани од ДУИ, имале за цел да овозможат активирање на планот за Груевски од Будимпешта,“.
Да потсетиме, Дритон Суљејмани од Вреди изјави дека за враќање на поранешниот премиер Груевски лани во март во Вила Водно се сретнале експретседателот Стево Пендаровски, експремиерот Димитар Ковачевски, како и Али Ахмети, Бојан Маричиќ, Артан Груби и Бујар Османи.