Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје (УКИМ), заедно со уште 10 партнери од државата, го отвори првиот Европски дигитален иновациски хаб – ИНОФЕИТ ЕДИХ. Со ова, Северна Македонија станува дел од европската мрежа на дигитални иновациски хабови, создавајќи нови можности за компаниите, јавните институции и истражувачките организации за поддршка на нивната дигитална трансформација.
Проф. д-р Димитар Ташковски, раководител на ИНОФЕИТ истакна дека овој центар претставува кулминацијата на заложбите на ФЕИТ за промоција на иновациите, дигиталната трансформација и соработката меѓу академијата, индустријата и општеството, притоа информирајќи дека истиот е дел од мрежата на од околу 200 ЕДИХ-и, кои ја обликуваат иднината на дигитална Европа.
„Мисијата на ИНОФЕИТ ЕДИХ е да ги поттикне малите и средните претпријатија и јавните институции да ја зголемат својата конкурентност преку употреба на дигитални технологии. Клучните аспекти на нашата работа вклучуваат вклучуваат пристап до најдобрата техничка експертиза и најсовремената инфраструктура за тестирање, интеграција на иновациски услуги, решавање на еколошки предизвици“, рече проф. д-р. Ташковски и дополни дека во наредните четири години, благодарение на финансиската поддршка од Европската Комисија (50%) и Владата (50%), над 300 услугите во вредност од 2 милиони евра ќе бидат бесплатни за корисниците, односно за малите и средните претпријатија и јавните институции.
Проф. д-р Билјана Ангелова, ректор на УКИМ, во своето обраќање нагласи дека овој хаб не е само инфраструктура или организација, туку и симбол на потенцијалот на УКИМ и на Македонија да одржат чекор со глобалните текови, да се воведат дигитални и зелени иновации, како да се создаде иднина која ќе биде одржлива, конкурентна и хумана.
„Воспоставувањето на ИНОФЕИТ ЕДИХ е уште еден доказ за капацитетот на УКИМ во Македонија. Обединувањето на сите значајни чинители во македонскиот иновациски екосистем на едно место, тргнувајќи од најпрестижните универзитети, најрепрезентативните стопански комори, до едни од најзначајните компании е потврда за нашето значење. Тргнувајќи од мал центар на еден факултет ФЕИТ, преку потврдување на статусот како единствен целосно оперативен ДИХ во 2021 и конечно преку воспоставувањето на мрежата денес, ИНОФЕИТ покажа дека ФЕИТ и УКИМ се најактивните чинители во Македонија во насока на обезбедување иновациска извонредност и трансфер на технологии“, рече проф. д-р Ангелова.
Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, информираше дека овој хаб е дел од Реформската агенда 2024-2027, преку што се обезбедени и половина од средствата за негово финансирање.
„Министерството за образование и наука го препозна значењето на ИНОФЕИТ ЕДИХ, којшто истовремено е дел и од Реформската агенда 2024-2027, и затоа обезбеди ко-финансирање на половина од потребните средствата за негово отворање, што е воедно и услов за да се повлечат дополнителни ЕУ средства од Планот за раст. Честитајќи им на упорноста и ангажманот на сите кои беа вклучени, а особено на професорите Ташковски и Атанасовски да го направат функционален овој центар, очекувам македонскиот хаб многу скоро да се најде на листата наградени од ЕДИХ мрежата, што ќе значи дека на квалитетен начин ги реализира целите за кои е основан“, рече министерката за образование и наука, проф. д-р Јаневска.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски со своето обраќање нагласи дека отворањето на овој хаб покажува дека оваа Влада е посветена на проекти кои ја унапредуваат дигитализацијата и иновациите, и истиот е резултат на заедничките напори на државата, Европската Унија и клучните партнери од академијата и бизнис секторот.
„Овој хаб претставува мост кој ги поврзува најновите технолошки достигнувања со реалните потреби на нашите компании, особено малите и средните претпријатија, како и јавниот сектор. Воспоставувањето на овој Хаб е во целосна синергија со Дигиталната агенда на Европската Унија и нејзината визија за Дигитална деценија до 2030 година. Нашата цел е да придонесеме кон амбициозните европски таргети – 75% од компаниите во ЕУ да користат облак технологии, вештачка интелигенција и големи бази на податоци, како и 90% од малите и средни претпријатија да достигнат барем основно ниво на дигитална зрелост“, рече министерот за дигитална трансформација Андоновски, притоа дополнувајќи дека ИНОФЕИТ ЕДИХ преку програми за обука, менторство и пристап до најсовремена технологија ќе создаде нова генерација на дигитални професионалци подготвени за предизвиците на 21-виот век.