ЕУ со контрамерки на царините на САД – цените ќе растат, работните места во неизвесност

Како одговор на денешното стапување во сила на царините од 25 отсто за увозот на челик и алуминиум од Европската Унија во САД, Европската комисија воведе серија контрамерки за „заштита на европските бизниси, работници и потрошувачи од влијанието на овие неоправдани трговски ограничувања“.

– Европската унија мора да дејствува за да ги заштити потрошувачите и бизнисот. Контрамерките што ги преземаме денес се силни, но пропорционални. Затоа што САД применуваат царини во вредност од 28 милијарди долари, ние одговараме со контрамерки во вредност од 26 милијарди евра. Ова се совпаѓа со економскиот опсег на американските царини, порача претпладнево претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен. 

Таа нагласи дека ЕУ „длабоко жали“ поради оваа мерка, посочувајќи дека царините во основа претставуваат даноци и тие се лоши за бизнисот, а уште полоши за потрошувачите.

Advertisements

– Тие ги нарушуваат синџирите на снабдување. Тие носат неизвесност за економијата. Работните места се доведени во прашање. Цените ќе растат. Тоа никому не му треба, ниту на Европската унија, ниту на САД, нагласи претседателката на ЕК.

Фон дер Лајен потенцира дека трговските односи меѓу ЕУ и САД се најголеми по обем во светот и придонесуваат за просперитет и безбедност на милиони луѓе, создавајќи милиони добри работни места од двете страни на Атлантикот.