Левица го обвинува градоначалникот Јорданов од ВМРО-ДПМНЕ- „Ова ни СДС не го правеше, одработува грчка агенда“

Утринава без никаква најава, одлука на Совет, транспатентно решение од надлежен инспектор, или проект за градење на новата „модерна фонтана”, до темел беше срушена постоечката, која се наоѓаше позади Гимназијата во центарот на Штип, реагира општинската организација на Левица.

„Оваа фонтана која во 2015 година, камен по камен беше рачно изработена и претставуваше своевидно уметничко дело, општинските багери без никаков респект, преку ноќ ја срамнија со земја. И кога сите очекуваа тоа да го направи СДС бидејќи во централниот дел на фонтаната беше врежано Сонцето од Кутлеш, по 7 години постоење и по промена на тројца градоначалници, четвртиот – од редовите на ДПМНЕ ја реши оваа „мистерија“, се вели во реакцијата на Левица.

Не така одамна, реагира Левица, „во периодот после потпишувањето на Преспанскиот договор, кога беа брусени металните шахти на кои беше излиено Сонцето од Кутлеш, „патриотската“ ДПМНЕ правеше театри и прес конференции, цврсто противејќи се на потегот на владата на СДС.“

Advertisements

„Денеска, после само 4 години од тој, за Македонците – предавнички договор, градоначалник од ДПМНЕ го прави истото кое го правеа тогашните структури на СДС. Дали општинските власти во Штип преку бришењето на ваквите македонски симболи, оркестрирано соработуваат со СДС или пак одработуваат за некакви грчки агенди? Како и да е, едно е сигурно. Со ваквите антимакедонски потези, на дело се покажува дека Дпмне и Сдс се двете лица на една иста паричка“, реагира Левица-  Штип.

Партијата постави прашање до градоначалникот – зошто место долгонајавуваната реконструкција на покривот на гимназијата што е крајно небезбеден за учениците, за вработените и за пешаците, власта се дрзна да растури нешто што беше уредено?

„Факт е дека фонтаната со месеци не се чистеше. И место чистење, на дело се случи рушење“, реагира Левица.