Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК спроведува акција на повеќе локации низ државата поради основано сомнение за сторени кривични дела со кои е сторена штета на Фондот за здравство.
„Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, МВР спроведува координирана акција на повеќе локации низ државата. Станува збор за основано сомнение за сторени повеќе кривични дела со кои е сторена штета на Фондот за здравство. Со оглед на обемот на акцијата повеќе информации ќе бидат споделени по нејзиното завршување“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција
Дел од медиумите објавија неофицијални информации дека се работи за долгогодишно незаконско работење со прикажување на лажни дијагнози со кои се овозможувало аплицирање, добивање и користење на финансиска помош за туѓа нега на лице и за незаконско стекнување и користење на инвалидски пензии.
Околу 50 лица се предмет на денешната акција на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и МВР дека со прикажување на лажни дијагнози овозможувале за аплицирање, добивање и користење на финансиска помош за туѓа нега на лице и за незаконско стекнување и користење на инвалидски пензии.
Претреси во рамки на акцијата се вршеа на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, а според информациите на Телма полицијата влегла во канцелариите на доктори на клиниката за неврологија, психијатрија, карил, како и во болниците во Тетово и во Велес.
Доктори, членoви на комисија, адвокат, вешто лице, управител на консултантско биро се дел од лицата кои се опфатени со акцијата. Телма неофицијално дознава дека ќе се бараат мерки за 26 од нив.