„ВИП гости на прославата на 4 јули со цврсти докази за криминал“ – Арсовска јавно ја предизвика Агелер

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на социјалните мрежи остро критикува дека лица обвинети за криминал присуствувале на официјалната прослава на американскиот Ден на независноста во Амбасадата на САД во Скопје.

Во својата објава, Арсовска се обрати директно до американската амбасадорка Анџела Агелер, прашувајќи ја дали не ѝ било „незгодно“ што меѓу ВИП гостите биле лица против кои, како што вели, постојат „цврсти докази за криминал во најмалку 152 случаи“ и против кои во моментов се водат сериозни истраги.

„Овие двајцава незгодно насмеани на фотографијата, наместо да бидат на црната листа на САД за санкции против корупција и нарушување на човековите права, беа во прв ред во Амбасадата вчера“, наведува Арсовска, алудирајќи на присуството на Висар Ганиу и Изет Меџити.

Таа потсети дека САД веќе со децении санкционираат политичари, поранешни премиери, министри, градоначалници и судии врз основа на „наводи за корупција и поткопување на демократските процеси“, додека, како што тврди, за овие двајца постојат „непобитни докази“.

„Посакувам среќен Ден на независноста, со надеж за слобода и правда за сите нас кои живееме во Македонија и кои сме под сериозни закани од Висар Ганиу, Изет Меџити и Ејуп Адеми!“, вели Арсовска.