(ВИДЕО) Зеленски во американскиот Конгрес: Помошта за Украина е инвестиција во демократијата

За време на својата прва посета на странска држава од почетокот на војната, украинскиот претседател Володимир Зеленски зборуваше во американскиот Конгрес каде истакна дека американската помош за неговата земја е инвестиција во демократијата, а не во добротворни цели, притоа евоцирајќи ги американските напори да ги поразат нацистите во Втората светска војна.

„Вашите пари не се добротворни цели. Тоа е инвестиција во глобалната безбедност и демократија со која се справуваме на најодговорен начин“, рече Зеленски на заедничката седница на Сенатот и Претставничкиот дом на САД, говорејќи на англиски јазик.

Украинскиот претседател нагласи дека светот е премногу меѓусебно поврзан за која било земја да застане настрана и да се чувствува безбедна во исто време.

Advertisements

Во Конгресот, Зеленски го спомна поранешниот американски претседател Френклин Д. Рузвелт, кој беше на власт од 1933 до 1945 година, и неговите напори да ја ослободи Европа од нацистичката окупација.

„Исто како храбрите американски војници, кои ги дадоа своите животи и се бореа против силите на Хитлер за време на Божиќ 1944 година, храбрите украински војници го прават истото овој Божиќ“, рече тој.

Зеленски претходно се сретна со претседателот Џозеф Бајден во Белата куќа, кој ги повика Американците и светот да продолжат да ја поддржуваат Украина следната година, кога ќе биде потешко да се добие одобрение од Конгресот, чијшто Долен дом на изборите во ноември беше преземен од страна на републиканците.

САД досега испратија околу 50 милијарди долари помош за Киев, но републиканците, кои ќе ја преземат контролата над Претставничкиот дом на 3 јануари, изразија загриженост за цената на таа помош. Некои републиканци повикаа на прекин на помошта и ревизија која ќе утврди како се трошеле претходно дадените пари.

Претходно, американскиот државен секретар Ентони Блинкен најави дека САД ќе обезбедат дополнителна воена помош од 1,85 милијарди долари за Украина, вклучувајќи го и напредниот систем за противвоздушна одбрана Патриот.