Основното јавно обвинителство му одреди притвор од 30 дена на жител од Гевгелија (24) со иницијали Д.П. кој силувал врсничка во понеделникот на 19 декември.
Како што информира Обвинителството осомничениот ја повикал девојката да се сретне со него затоа што му било роденден, ја однел кај тениското игралиште кое се наоѓа близу поранешната касарна во Гевгелија, каде што ѝ изјавил љубов. Кога девојката го одбила тој станал агресивен, ја фатил со двете раце за вратот и почнал да ја дави. Девојката во тој момент изгубила свест. Обвинителството наведува дека кога се освестила, со возилото биле стигнати пред местото викано Динќот, па бидејќи осомничениот возел побавно, оштетената ја отворила вратата и побегнала надвор од возилото и почнала да бара помош.
Во близина немало никој, па осомничениот го запрел возилото, излегол надвор и кога ја стигнал почнал со боксови да ја удира по лицето во пределот на главата и очите. Од ударите оштетената повторно паднала во бессознание, по што осомничениот ја ставил во возилото и ја однел во викендица во селото Конско, сопственост на неговото семејство, информира гевгелиското обвинителство.
Кога стигнале во викендицата, девојката давала отпор, но обвинетиот почнал да ѝ се заканува дека нема да излезе жива оттаму и дека ако каже некому што се случило тој ќе ги убие нејзините родители и другарки. Додека ѝ се заканувал, до себе држел секира. Потоа, наведува Обвинителството, осомничениот извршил обљуба врз неа неколкупати, па ги запалил нејзината облека и телефон за да ги прикрие трагите. Ја натерал да му вети дека нема да го пријави, по што ѝ дал друга облека од викендицата и ја оставил пред куќата во која живее, се вели во информација од Јавното обвинителство во Гевгелија.