Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи, денеска во одговор на новинарско прашање откри дека е уапсено лице кое испраќало дојави за лажни бомби во училиштата во Кавадарци во изминатиот период.
Министерот вели дека станува збор за малолетно лице.
– Целосно е расчистен случајот. Денеска се поднесува кривичната пријава до соодветното обвинителство. Така што, откриен сторителот и затворен е целиот случај – одговори Спасовски на новинарско прашање.
Според МВР, малолетникот на 04.12.2022 година, од неговиот персонален компјутер на интернет апликација преку хакирана електронска адреса, на службените електронски адреси на три основни и три средни училишта, сите на територија на општина Кавадарци, испратил заканувачка порака за поставена бомба во објектот.
„Исто така, на 12 декември 2022 година, од истиот персонален компјутер на службената електронска адреса на основно училиште во Кавадарци испратил заканувачка порака со слична содржина како претходната“, информира МВР.
И за дојавите и заканите за поставени бомби во скопските училишта исто така беше осомничен малолетник од Скопје кој доби кривична пријава откако признал дека минатиот месец испратил лажна дојава за бомба до четири средни училишта во Скопје.
Тоа беше прв случај во кој беше откриен сторителот кој испратил дојава за експлозивна направа во училишта.