Убедлива победа на Радев во Бугарија, ќе може самостојно да формира влада

„Прогресивна Бугарија”, партија на поранешниот бугарски претседател Румен Радев убедливо победи на предвремените парламентарни избори што се одржаа вчера во Бугарија, додека на второ место по освоените гласови е ГЕРБ на Бојко Борисов. Веднаш зад нив е коалицијата Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија (ПП-ДБ). Социјалистите БСП не влегоа во парламентот.

Централната изборна комисија соопшти дека при обработени 91,68% од записниците на избирачките комисии „Прогресивна Бугарија” освои 44,7%, втора е ГЕРБ-СДС со 13,4%, а веднаш зад неа ПП-ДБ – 13,2%, ДПС на Дељан Пеевски – 6,2% и „Преродба” – 4,3%.

-Ова е победа на надежта над недовербата, на слободата над стравот. Конечно, ова е победа на моралот. Народот ја отфрли самодоволноста и ароганцијата на старите партии. Тие не подлегнаа на лаги и манипулации –рече Радев и го пофали Министерството за внатрешни работи, за вложените огромни напори во борбата против срамниот феномен на „купување гласови” за Бугарија.

Според прелиминарните анализи на социолозите, партијата на поранешниот претседател Румен Радев ќе има целосно мнозинство и ќе може да формира независна влада.

Надвор од парламентот останаа МЕЧ, Величие, БСП Обединетата левица, Алијансата за права и слободи и Има таков народ на Слави Трифунов.