(Видео) Околу 20.000 евра, муниција, подароци пронајдени кај осомничените од Табановце

Поднесени се кривични пријави против 12 осомничени службеници од граничниот премин Табановце кои земале поткуп од лица кои ја минувале границата, информира МВР за завчерашната акција

На товар им се ставаат три кривични дела – злосторничко здружување, примање поткуп, злоупотреба на службената положба и овластување.

МВР информира дека осомничените повеќе од две години, од септември 2020 година за одредена парична награда, подароци и поволности кои ги добивале од лицата кои ја преминувале државната граница, координирано не преземале службени дејствија кои биле должни да ги преземат, при што се стекнале со голема противправна материјална и имотна корист.

Advertisements

Тројца од приведените полицајци и цариници, како што јави Телма, веќе добиле 30-дневен притвор. На двајца им е  одреден осумдневен притвор, а за еден мерка куќен притвор. На останатите три лица им се одземени патните исправи како мерка на претпазливост.

Кривичните пријави се поднесени против командир, заменик-командир, раководител на смена и полициски службеници – сите од Куманово, освен еден кој е од Кратово, а се на возраст од 23 до 47 години.

При претресот во автомобилите и домовите кај осомничените биле најдени околу 20.000 евра -16. 413 евра во различни апоени, 219. 195 денари, 60 швајцарски франци и 375 српски динари.

МВР информира дека пари биле пронајдени при претресот кај Х.К., вкупно 15. 885 евра и 30 швајцарски франци. При претресите беа пронајдени и 23 парчиња муниција од 9 милиметри, подароци и други предмети кои ќе бидат користени во кривичната постапка“

„Секој член на оваа криминална група имал точно определена улога, при што И.Н., А.А. и Н.П., со умисла ги поттикнувале полициските службеници Д.К., В.Ф., Х.К., А.Д., Ф.К и Ф.И. да вршат кривични дела, овозможувајќи им полесно функционирање, заштита од контроли и проверки и други поволности при работењето, а од коруптивните кривични дејствија добивале соодветен процент од „заработката“ во текот на денот. Кај пријавените А.С., Ј.Н. и М.Ј., пак, при извршените претреси е пронајдена одредена сума на парични средства која не смееле да ја поседуваат додека извршуваат работни задачи во кабината за гранични проверки, при што го сториле кривичното дело „примање поткуп‘“, велат од МВР.