Прекин на огнот во руската војна против Украина може да се очекува во 2023 година, па дури и во средината на годината, смета поранешен генерал на германската армија и НАТО.
„Очекувам тоа да се случи на лето, кога двете страни ќе кажат дека работите не одат никаде“, изјави Ханс-Лотар Домрозе за германската медиумска група „Функе“. Според него, најверојатниот период за појава на ќорсокак во воениот судир е меѓу февруари и мај.
„Ова ќе биде време да се преговара за прекин на огнот“, рече Домрозе, кој имаше високи позиции во меѓународните сили во Авганистан, а подоцна и во командните структури на НАТО во Европа.
Сепак, тој нагласи дека тоа не значи мир.
„Прекинот на огнот значи крај на пукањето. Преговорите веројатно ќе траат долго, потребен е посредник“, рече тој, посочувајќи ги генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган или индискиот претседател Нарендра Моди како можни кандидати за посредување во процесот.
Единственото нешто што останува е преговарачко решение кое е прифатливо за двете страни, „дури и ако Путин всушност сака да ја има цела Украина, а Зеленски би сакал да ја ослободи цела Украина“. Можно решение, смета Домрозе, е украинскиот претседател да се откаже од барањето за итно враќање на териториите како што е Крим на Украина и да се согласи дека тоа треба да се случи по преодниот период.