Пред воведувањето на еврото граѓаните на Хрватска најмногу се плашеа од поскапување. Хрватска веќе три дена е дел од еврозоната, а поскапувањето навистина се случи.
Социјалните мрежи се преполни со различни примери на бројни поскапувања по воведувањето на еврото, без разлика дали се работи за продавници, услуги како фризерски салони или такси за паркирање, пишува хрватскиот портал Индекс.
Граѓаните најмногу се жалат за поскапувањето на кафето, лебот и цигарите.
Заедничко за повеќето поплаки е тоа што имало заокружување на сумите во евра. На пример, ако нешто чинело 13 куни, можно е некој да го „заокружил“ на две евра, што е значително поскапување.
„Имаме информации од терен, се јавуваат и се жалат. Кафето е најскапо. Добивме дојава дека на едно место кафето поскапело за две куни поради ова заокружување на цените“, вели претседателката на Здружението за заштита на потрошувачите, Ана Кнежевиќ.
Таа вели дека ова се случуваше во сите земји кои влегоа во еврозоната, го видовме на примерот на Словенија, Австрија, Италија..
„Предупредивме дека Хрватска нема да биде исклучок. А во споменатите земји најлошо беше со цените на кафето. Сега гледаме дека поскапува и во пекарниците, таму добиваме и пријави“, вели Кнежевиќ.