Ќе куртули ли Драган Даравелски од затворската казна од која бегаше 20 години?

За поранешниот директор на Царинската управа Драган Даравелски кој беше уапсен денеска и спроведен во затворот „Идризово“ најверојатно, не настапила застареност на извршување на санкцијата (казната затвор) бидејќи тоа го спречиле надлежните органи со тоа што изминатите години испраќале барања за екстрадиција во Србија. Она што не може да се спречи е апсолутна застареност на извршувањето на санкцијата, но таа во случајот настапува во 2028 година, пишува во опширна анализа порталот 360 степени.

Како што објавивме претходно, пораншениот директор на Царинската управа Драган Даравелски беше упасен на граничен премин Табановце.

Порталот 360 степени го цитира членот 109 од Кривичниот законик (КЗ) кој го регулира застарувањето на извршување санкција.

Advertisements

„Случајот со Даравелски го покрива ставот 3 од овој член кој предвидува дека „казната нема да се изврши кога ќе поминат десет години од осуда на затворска казна од над пет години“. Даравелски беше осуден на седум години, а пресудата стана правосилна во 2008 година што значи дека ако се анализира само оваа одредба, за поранешниот прв цариник застареност настапила во 2018 г’, пишува 360 степени.

Сепак, порталот наведува и тоа дека во случајот не настапила застареност затоа што се исполнети законските одредби да се прекине сметањето на застареноста.

Даравелски во 2008 година во отсуство беше осуден на казна затвор во траење од седум години.

Се товареше дека додека бил директор, ја злоупотребил службената должност и овластување, а неговиот заменик, второобвинетиот Киро Доцевски беше обвинет за истото дело, но и за фалсификување службена исправа. Доцевски беше осуден на казна затвор во траење од четири години и 10 месеци.

Името на Драган Даравелски може да се сретни и на официјалната веб страница на МВР за распишани потерници, односно потери, каде стои дека по него е распишана меѓународна потерница, по наредба на Основен суд Скопје за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување” по член 353 КЗ на РМ.