МВР го откри стружанецот кој со ловечка пушка уби кучиња скитници

Од МВР информираат дека на 10.01.2023 во 17.15 часот во Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга бил извршен службен разговор со М.З.(62) од с.Ливада, струшко. Тој се сомничи дека во периодот од 06.45 до 07.15 часот на улица „Владо Малески“ во Струга со огнено оружје усмртил седум кучиња скитници.

Од него била одземена ловечка пушка сачмарка калибар 16 мм.

По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава по член 233 од Кривичниот законик, најавуваат од МВР.

Advertisements

Случајот на масакрирање на кучиња, вчера беше обелоденет во јавноста од страна на Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“,  кое на својот Фејсбук профил објави видео со вознемирувачка содржина, на кое се гледаат мртви кучиња натоварени во приколка од возило како се транспортираат.