(ВИДЕО) Силен потрес во италијанското подземје – По 30 години бегство, уапсен шефот на мафијата Коза Ностра!

Матео Месина Денаро, кој е идентификуван како шеф на сицилијанската мафија Коза Ностра, уапсен е по повеќе од 30 години бегство.

Како што пишува Гардијан, италијанските карабинери го уапсија Денаро во главниот град на Сицилија, Палермо. Тој е осомничен дека е шеф на озлогласената Коза Ностра.

Тој беше осуден во отсуство на доживотен затвор за неговата улога во убиствата на антимафијашките обвинители Џовани Фалконе и Паоло Борселино во 1992 година. На истата казна беше осуден и за учество во бомбашките напади во Фиренца, Рим и Милано, во кои во 1993 година загинаа десет лица.

Advertisements

Денаро, наречен „Дијаболик“, по смртта на Бернардо Провенцано во 2016 година и Салваторе Рина во 2017 година, важеше за „шеф на шефовите“ на сицилијанската мафија

„На 16 јануари, карабинерите го уапсија бегалецот Матео Месина Денаро во санитарна установа во Палермо, каде што отиде на терапевтско лекување“, изјави генералот на италијанската полиција Пасквале Анџелосанто.

Се вели дека Денаро живеел луксузен начин на живот со години во бегство.

Телевизијата Раи во август 2021 година објави снимка од март 1993 година на која за прв пат се слуша гласот на Денаро додека бил сведок на судењето. Неколку дена по тоа судење Денаро избега и оттогаш му се губи секаква трага.

Во 2002 година, тој исто така беше осуден во отсуство на доживотен затвор за нарачување на убиството или лично убиство на десетици луѓе.