Заев и Мицкоски договараат влада за народен спас без Албанците – уставни измени нема да има – пишува Infoshqip

Последниве денови во политичките и дипломатските кругови кружат различни и опасни сценарија за иднината на државата. Еден од нив е рушење на актуелната Влада и формирање на опасна Влада не само за Албанците, туку и за иднината на државата, пишува порталот на албански јазик Infoshqip.

Порталот се повикува на партиски и дипломатски извори, според кои наводно поранешниот премиер Зоран Заев „кокетирал со лидерот на македонската опозиција Христијан Мицкоски, за во случај на уривање на оваа власт, да се формира влада на „народен спас“ чиста со Македонци“.

Според ова сценарио, наведува порталот, Заев би требало да се врати на чело на СДСМ, и заедно со ВМРО-ДПМНЕ да формираат влада со апсолутно мнозинство.

Advertisements

„Според некои онлајн медиуми, целта на оваа коалиција ќе биде амнестија на сите политичари и функционери и од СДСМ и од ВМРО, осомничени за криминал и корупција. Ова сценарио, го загрижи и меѓународниот фактор, но и официјална Приштина и Тирана. Со тоа ќе се спречи усвојувањето на уставните измени и отворањето на преговорите со ЕУ ќе се одложи за 10 години, пишува во текстот на Infoshqi.

Поранешниот премиер Зоран Заев, како што објавивме неодамна, демантираше било какво сценарио за негово враќање на политичката сцена, што значи нема сценарио ниту за лидерската позиција во СДСМ, ниту за претседателската функција. Тој таквите пишувања ги нарече, инсинуации.

„Изминативе денови, различни центри (и суетни, и криминални, и комбинации од двете, на кои им се приклучи поранешниот премиер и бегалец од правдата Никола Груевски) ме споменуваат во различни конотации. Од тоа дека ќе сум правел пуч во СДСМ, до тоа дека ќе сум бил кандидат за претседател на Република Северна Македонија, со заедничка поддршка на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Во повеќе наврати изминатиот период кажав дека немам политички амбиции и би сакал уште еднаш да ги демантирам ваквите инсинуации за мое повторно политичко ангажирање“, објави Заев на Фејсбук.

Поранешниот лидер на социјалдемократите додаде и тоа дека „никогаш нема ниту да помислам да го делам СДСМ, ниту да правам некаков си измислен пуч во СДСМ или било што слично.“

„Доказ за тоа е моето осум и пол годишно раководење со партијата како и државните и изборните победи што ги освојуваше обединетиот и сплотен Социјалдемократски сојуз на Македонија, заедно со силното граѓанско општество“, тврди Заев.